Македонија го очекува заслуженото од ЕУ и НАТО, а прашањето за името не може да се реши доколку се задира во идентитетот, вели во интервјуто за МИА, претседателот Ѓорѓе Иванов .
– Република Македонија и покрај сите блокади останува на цврстата определба за членство во ЕУ и НАТО. Прашањето за името што не оптоварува две децении може да има завршница, ако се остане во рамките на резолуциите на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ако се излегува од тие рамки и се навлегува во прашања за идентитетот, достоинството и човековите права, решени нема, изјави Иванов.
Претседателот потенциара дека Македонија е конструктивна и со помош на медијаторот Метју Нимиц бара решение, и при тоа останува посветена на целиот процес, додека државниот врв е усогласен околу позицијата.
– Се што е наша обврска и во рамките на меѓународното право, во рамките на резолуциите кои се однесуваат на нас, за нас е прифатливо и тука учествуваме. Но, кога доаѓа прашање кое влегува во сферата на човечко достоинство не знам кој на овој свет би се согласил за такво нешто, вели Иванов
Претседателот во интервјуто за МИА изразува очекување дека на јунскиот Самит на ЕУ, европските лидери конечно ќе донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија.












