Предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите на Република Македонија, порача претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на свечениот прием за учесниците на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ што се одржа во Музејот на македонската борба.
Според Иванов, блокадата на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија стана една од главните причини за постојаната политичка криза што, нагласи, кулминираше годинава и со тоа, последиците од блокадите станаа причини за нови блокади.
– Верувам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите. Само со отворање на европските перспективи за македонските граѓани ќе се излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба, рече претседателот Иванов.