Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва во Охрид оствари средба со Карлос Слим, ко-претседавач со Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој и еден од најеминентните бизнисмени на глобално ниво.

Претседателот Иванов и г-динот Слим, кој допатува во Охрид на петтиот по ред состанок на Комисијата за широкопојасен интернет, изразија заемно задоволство што овој форум се одржува токму тука, воедно отворајќи ја можноста високиот гостин да се запознае со Македонија, нејзините потенцијали и капацитети, информираат од Кабинетот на претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија е стратешки посветена на развојот на информациските технологии и информатичкото општество, особено во контекст на економскиот и општествениот развој. Одржувањето на конференцијата на Комисијата во Охрид, претставува признание и потврда на тие напори, се наведува во соопштението.

Бизнисменот Слим истакнал дека од средбите со државниот врв бил запознаен со актуелните економски состојби во земјата, стратешките интереси, како и со потенцијалните инвестициски проекти во неколку сектори.

Двајцата соговорници размениле мислења и за условите и поволностите за инвестирање во Македонија.

Претходно претседателот Иванов во вилата Билјана, го прими претседателот на Руанда, Пол Кагаме, кој исто така ќе учествува на состанокот на Меѓународната комисија за широкопојасен интернет и дигитален развој, кој ќе се одржи утре во Охрид.

OhridNews