Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на дводневната работна посета на Руската Федерација, оствари средба со Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. По средбата, претседателот Иванов рече дека Македонија има јасни стратешки определби и опстојува на нив, несакајќи да наштети никому, води политика на отвореност, негува добронамерни односи на пријателство, соработка и меѓусебна почит.

Претседателот Иванов ја оцени средбата со рускиот претседател Путин како пријателска, конструктивна и содржајна. На неа станало збор за состојбата во Македонија и во регионот, за економската соработка, за црквата.

– Политичката криза што ја имавме во последните две ипол години доведе до застој во функционирањето на заедничката меѓувладина комисија со Русија која, се надевам, сега со формирањето на новата влада ќе може да профункционира и да ги продолжи позитивните трендови во економската соработка, изјави претседателот Иванов по средбата.

Економската соработка која меѓу Македонија и Русија е интензивна, достигнува околу 200 милиони долари, но тоа се уште не е доволно за потенцијалот што постои кај нас, а исто така и од руската страна.

– Политичката криза многу проекти, многу активности има блокирано и затоа, се надевам дека новата влада со формирање повторна меѓувладина комисија за економска соработка ќе ги поттикне тие почнати проекти бидејќи имаме во сферата на енергетиката, имаме извоз на земјоделски производи, има интерес на руски инвеститори да инвестираат во нашите економски зони, рече претседателот Иванов.

Рускиот претседател искажа интерес за ситуацијата во Македонија и на Балканот, бидејќи, целиот регион поминува низ турбулентен период и сакал, истакна претседателот Иванов, лично да се информира за одредени состојби.

– Разговаравме и за состојбите во целиот наш регион, на Блискиот Исток, на Балканот. Русија е земја која е постојана членка на Советот за безбедност и од тој аспект ги следи сите настани особено безбедните прашања и интересот беше да се чујат согледувањата од страна на Македонија за сите тие актуелни прашања кои постојат во нашиот регион, посочи претседателот Иванов.

Одговорајќи на новинарски прашања, напомена дека Македонија не сака нејзините стратешки определби да бидат на штета на односите со Русија.

Повод за посетата на Москва е врачувањето на наградата „ Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори” од рускиот патријарх Кирил, признание за заложбите на Македонија за поттикнување, чување и негување на христијанските вредности.

OhridNews