Во врска со одржаните предвремени парламентарни избори на 11 декември, денес до граѓаните се обрати и претседателот, Ѓорѓе Иванов. Тој изрази задоволство од, како што рече, покажана демократска зрелост и тоа што се потврдил капацитетот за спроведување на фер, слободни, мирни и демократски избори.
– Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи. Релевантните домашни и меѓународни институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава, рече Иванов.
Тој додаде дека во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието, по што очекува во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија.
– Со овие избори, Република Македонија исполни еден од клучните услови на кои се обврзаа лидерите со Пржинскиот договор. Очекувам, како што Република Македонија уште еднаш покажа исполнителност, Европската Унија да покаже доследност и принципиелност кон нас. Ја повикувам Европската Унија да изнајде начин и да овозможи напредок на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат. Како што сметав дека Република Македонија има капацитет да ги одржи овие значајни избори онака како што поминаа, верувам дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза и ќе претставуваат почеток на национално помирување во Република Македонија, рече претседателот Иванов.
OhridNews