Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
 
Почитувани сограѓани,
 
Дозволете ми да Ви го честитам државниот празник, 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
 
Како основоположници на словенската писменост и литература, светите браќа Кирил и Методиј се залагале за развој на христијанската мисла. За важноста и за суштината на просветителската мисија на двајцата браќа, кои внеле нов импулс во верата и во културата на сите словенски народи, говори и фактот што денеска тие се патрони на Европа.
 
Темел на културолошкиот процес било создавањето на словенската азбука – глаголица.  Но, нивната мисија и нивното сфаќање за развојот и за ширењето на словенската цивилизациска свест се најдобро изразени преку просветителскиот континуитет на Кирилометодиевите ученици, големите дејци свети Климент и свети Наум.
 
Честитајќи Ви го празникот, дозволете, уште еднаш да ја истакнам важноста од празнувањето на историско-културолошкото и епохално значење на светите браќа како во однос на светската историја, така и во однос на словенството. – се вели во празничната честитка на претседателот Иванов.

OhridNews