– Ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Балканот и кон Македонија, да останат доследни и принципиелни кон оваа идеја. Затоа, не треба да се попречува членството на Македонија во ЕУ, истакна Иванов нагласувајќи дека ЕУ може многу да научи од германското обединување кое претставува благороден чин на подадена рака.
Иванов порача дека ветото како антиисториски и ентиевропски шин не треба да се злоупотребува за, како што рече, ситни, себични цели.
-Секоја нова злоупотреба на ветото, како принцип на функционирање меѓу европските, вклучително и балканските држави е антиисториски и антиевропски чин. Доколку блокадите бидат прифатени како нова практика, ќе предизвикаат опасна верижна реакција на вета кои повторно може да не вовлечат во вртлогот на политичките анахронизми на 19-от век, предупреди Иванов.
Претседателот Иванов кој се наоѓа во работна посета на Охрид, вечерва во претседателската вила „Билјана“ ќе го прими претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста, а утре на Плаошник на свечена церемонија ќе им ги предаде „Инженерските прстени“ на десетте првенци – дипломци на високите инженерски образовни институции во Македонија.