Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска престојува во работна посета на Истанбул, Република Турција, на покана на Унијата на стопански комори и стокови берзи на Турција и ТОББ Универзитетот за економија и технологија.

Како што е најавено, претседателот Иванов ќе се обрати на свеченото отворање на „ТОББ Меѓународниот бизнис форум“, на кој ќе учествуваат над 1000 бизнисмени и претставници на меѓународни институции од 85 земји од светот, кои ќе дискутираат за глобалната економска криза со посебен фокус на улогата на приватниот сектор, како и потребата за зајакнување на претприемништвото и изнаоѓање решенија за надминување на пречките во меѓународната трговија.

Во рамки на посетата на Истанбул, македонскиот претседател ќе оствари средби и со претставници на ТУСКОН – Конфедерацијата на бизнисмени и индустријалци на Турција.

ТОББ Универзитетот за економија и технологија е еден од најреномираните универзитети во Турција, кој во октомври, 2009 година, на Претседателот Иванов му ја додели титулата Почесен доктор на науки.

OhridNews