Потребно ни е национално помирување, вели претседателот Ѓорге Иванов, во разговор за германскиот дневен весник Frankfurter Allgemeine Zeitung (FAZ), коментирајќи ја неговата одлука за помилување на 56 лица од 12-ти април.

Иванов одговара дека, ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука.

„Јас не бранам криминалци, јас ги штитам интересите на државата“, вели претседателот Иванов за германскиот весник.

„Разговорот со него води длабоко во сржта на поделбата на македонското општество, која се провлекува низ семејства, пријателства и соседства, и во историјата на Македонците, под влијание на насилство и теории на заговор, чиј идентитет од соседите на север, југ и исток одново и одново се става под знак прашалник“, се вели во анализата под наслов „Македонија – Сто години борба за идентитет“.

Сегашната криза, објаснува претседателот Иванов, не е ништо друго туку само едно поглавје во историја на поделби која трае веќе повеќе од сто години“ вели Иванов.

„Ние сме заробеници на менталитетот на нашите поитичари, време е за нови лица“, дециден е Иванов.

„И како што некогаш биле набуцкувани борбите во крилата на ВМРО од соседите, така денешниот македонско-македонски конфликт бил дело на надворешни сили. Македонија сака да стане членка на ЕУ и на НАТО – ова е едно од малкуте прашања, за кои вон сите политички и етнички јазови, владее единство“, анализира германскиот весник.

Истовремено, весникот посочува и на проблемот за името со Грција.

„Југославија е веќе долго време мртва, само ние сé уште ја носиме во името“, вели Иванов. „Тоа е некрофилско име“, го пренесува германскиот весник ставот на македонскиот претседател.

Поради спорот за името, пишува натаму Франкфуртер Аллгемеине Зеитунг, Грција го спречува влезот на Македонија во НАТО и отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, иако Европската комисија секоја година, веќе седум години по ред, го препорачува отпочнувањето на пристапните преговори.

„Ова е вистинската причина за фрустрацијата на младата генерација“, вели Иванов.

Ако прашате за можни излези од кризата, на сите страни ќе добиете два можни одговора: во подобриот случај тоа е беспомошност, како решение се гледа само поразот на спротивната страна, заклучува германскиот весник во својата анализа.

OhridNews
Извор:„Макфакс“