Информациските и комуникациските технологии во 21-от век ќе ја имаат круцијалната улога за целокупниот развој. Овие технологии позитивно влијаат врз социјалниот, културниот, образовниот, здравствениот, односно на целокупниот развој во државата. Истите овозможуваат поголема конкурентност, значително намалување на трошоците, поголеми можности и подобри јавни услуги, е ставот на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

–    Информациско-комуникацискиот сектор учествува со 5% во европскиот бруто-домашен производ и придонесува со повеќе од 50% во растот на продуктивноста. Широкопојасниот интернет т.е бродбендот е основниот “елемент“ за градење на секоја вмрежена економија. Според Светската банка за секои 10% раст на пенетрација на бродбенд, соодветствува од 1 до 1.5% економски раст во државата, изјави министерот Ивановски.
 
Тој го иницира прашањето за политиките и реформите кои треба да се преземат, со цел да се поттикнат инвестициите во идните генерации широкопојасни интернет мрежи.

Министерот смета дека потребна е нова регулаторна рамка која ќе поттикнува и промовира ефикасна конкуренција, инвестиции и иновации, особено во насока за воведување на следни генерации бродбенд мрежи. Притоа, новата регулаторна рамка ќе треба да обезбеди инвеститорите да добијат фер услови за повраток на нивната инвестиција.

OhridNews