– Ја изнајмивме педалинката, но воопшто не знаевме дека е оштетена. Откако по неколку минути се оддалечивме од брегот, почна наеднаш да навлегува вода и со голема брзина да тоне. За среќа не не фати паника, но едвај успеавме да дојдеме до брегот, изјавија момчињата загрижени што се задржале многу подолго со педалинката отколку за времето за кое платиле при изнајмувањето. При тоа, несвесни дека вината и одговорноста е на оној кој им ја изнајмил, со оглед дека станува збор за реквизит кој воопшто не бил во возна состојба .
По извесно време, момчињата беа одвезени од страна на граѓани со глисер, кои од очевидци биле информирани дека во близина има педалинка која тоне.
Од охридската Капетанија на пристаништа велат дека педалинките како реквизити за забава не се под нивна надлежност, но во план е да се покрене иницијатива за во иднина и тие да се контролираат од нивна страна.
За среќа овој случај имаше успешен крај, но се поставува прашањето кој ќе ја сноси одговорноста за тоа што се издаваат дотраени педалинки и реквизити за забава и при тоа се дозволува на нив да се возат поголем број лица од дозволеното, и тоа без појаси за спасување.
Дали надлежните повторно чекаат да се случи несреќа со човечки жртви па за да се „разбудат“ и ги преземат потребните мерки.
.