Конечниот избирачки список, според кој ќе се гласа на предвремените парламентарни избори, ќе биде објавен на 25-ти април, соопштуваат од Државната изборна комисија, од каде го доставија роковникот за планираните активности во наредниот период, сѐ до одржување на изборите. Според роковникот, од денот на објавување, односно 25-ти април, па во рок од 15 дена, граѓаните ќе можат да проверат дали се на избирачкиот список или не.
Од роковникот се гледа дека и дијаспората ќе учествува на овие избори, затоа што од ДИК бараат пријавувањето за гласање на македонски државјани кои живеат во странство да трае најдоцна до 9-ти мај. Министерството за надворешни работи, пак, во рок од пет дена треба да достави податоци за дипломатите, вработените во дипломатско- конзуларните претставништва. Освен дипломатско–конзуларните претставништва, податоци за вработените во државната, општинската и јавната администрација треба до ДИК да достави и Министерството за информатичко општество и администрација.
Избирачкиот список треба да биде заклучен на 19-ти мај, а партиите, пак, своите кандидатски листи ќе треба да ги достават до 11-ти мај. Изборната кампања започнува од 16-ти мај, соопштуваат од ДИК.
Според досегашните информации од ДИК, од избирачкиот список ќе бидат избришани 1.135 починати лица.
OhridNews