Локалните избори се спроведуваат согласно закон, прописи и точно определени рокови и активности што ги спроведува Државната изборна комисија – ДИК. Во Охрид вкупно во избирачкиот список се запишани 52 580 граѓани со право на глас. Тие избираат градоначалник помеѓу четворица кандидати, и членови на совет од вкупно 11 кандидатски листи за членови на советот на Град Охрид. Гласањето се одвива на 87 избирачки места во општината. Кои се изборните правила, како се бројат гласовите и се објавуваат резултатите, кога има победник во 1 круг, а кога има 2 круг? Еве какви се правилата.
Гласањето започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот на денот определен за одржување на изборите – 19 октомври 2025 година.
Во 19:00 часот гласачките места се затвараат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список, може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.
Ако гласањето е прекинато подолго од 1 час, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од 3 часа.
Записниците и другиот изборен материјал, ИО ги доставува до ОИК односно Изборната комисија на градот Скопје во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето.
При спроведување на локалните избори, ОИК ги пресметува вкупните резултати од гласањето во општината, при што резултатите од гласањето се пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од ИО и целокупниот изборен материјал. ОИК резултатите ги утврдува според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидат/и, одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори.
ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ОИК првичните резултати од изборите ги објавува во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ИО и ги истакнува на огласна табла во општината и ги соопштува на јавните гласила.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати од изборите, ДИК ги објавува за секоја општина поодделно.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.
Ако за градоначалник е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови од избирачите кои гласале, се повторува целата изборна постапка.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.
Г.М.