Лидерите на политичките партии со оптимизам гледсаат на денешните избори. Речиси сите изразуваат задоволство од текот на изборниот процес и желба Македонија конечно да излезе од долгата криза. Еве што кажаа тие:
Груевски: Граѓаните знаат да изберат кој да ја води државата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4, НИкола Груевски, кој го искористи своето право на глас, оцени дека граѓаните повторно имаат моќ да одлучат кој ќе управува со државата.
„Граѓаните ќе одлучат во кој правец че се движи државата и каква политик ќе води“, рече Груевски.
Тој верува дека најголемиот дел од граѓаните ќе го искористат правото да гласаат, а среќен е поради тоа што гласањето се одвива мирно и во фер и демократска атмосфера.
„Се надевам дека така и ќе завршат денешните избори“, рече Груевски по гласањето.
Заев ако не победи ја напушта политиката
Претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа на пратеници во ИЕ4, Зоран Заев, гласаше во Струмица.
По гласањето Заев оцени дека денеска се избира за напредна, слободна и единствена Македонија.
„Денес е историски ден за граѓаните на Република Македонија и за Република Македонија. Ова денес е ден во кој што ќе се бира за живот, за иднината на нашата земја. Ова денес е ден на кој се бира за напредна, слободна и единствена Македонија. Прв чекор кон тоа е слободно изразена волја на граѓаните на Република Македонија. Се надевам дека и токму тоа денеска ќе се случи“, изјави Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека „прво што ќе направи вечер е дека ќе прогласи победа, а доколку не победи тоа ќе значи крај на неговата политичка кариера“.
„Ако на вака значајни избори се случи негативен резултат тогаш ми завршува политичката кариера, но не размислувам на оваа варијанта, зошто зрела е Македонија, животот се враќа и убеден сум дека победуваме. Веќе размуслуваме како да се втурнеме, да го подобриме и унапредиме животот и она што го ветивме пред граѓаните“, рече Заев.
Ахмети: Изборите се битни за имиџот на државата
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети смета дека овие парламентарни избори се многу битни за имиџот на државата, но и за демократските процеси.
„Како што имавме мирна кампања, да помине мирно и овој ден. Вечер, по терк на сите демократски стандарди да политичките субјекти да ги признаат изборните резултати“, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети по гласањето на избиричкото место во Зајас.
„Овие избори се многу битни за имиџот на државата, но и за натамошните демократски процеси“, рече Али Ахмети.
Тачи: Се создава клима на добри избори
Претседателот на Демократската партија на Албанците, ДПА Мендух Тачи, во недела гласаше на гласачко место 1961/1 во градинката „Младост“ во Тетово.
По гласањето, Тачи оцени дека полека се создава клима на добри избори и изрази надеж дека ќе нема поголеми проблеми до крајот на гласањето во 19 часот.
„Една добра вест досега Зајас, Осломеј и Кичево 1,5 отсто гласале. Нашите набљудувачи издржуваат. Стотина луѓе се вратени назад кои сакаат по два три пати да гласааат, но апелирам до МВР и ДИК што побрзо да реагираат бидејќи инаку ќе имаме големи проблеми“, вели Тачи.
Трајанов: Граѓаните референдумски се изјаснуваат за промени, правда и стабилност
Денес граѓаните на Република Македонија, референдумски се изјаснуваат за промени, правда и стабилност, и целосно сме посветени денес да завршат изборите без да се кршат изборните правила, резултатите да бидат одраз на волјата на граѓаните и никој да не се обиде да ја поништи таа граѓанска определба, изјави лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов на денот на гласањето.
„Граѓаните сакаат мир, сплотеност и единство. Од утре натаму сите заедно треба да ги засукаме ракавите и да започнеме со рабoта, реформи и враќање на нормално одвивање на животот. Сите партии да изградиме консензус околу три стратешки работи: договор за помирување и да престанат внатрешни поделби, слободна- пазарна економија и влез во НАТО и ЕУ, промени со силно темпо, одговорно владеење и расчистување со организираниот криминал. Очекуваме голема излезеност и поддршка од граѓаните за реализација на Изборната програма“, порача Трајанов.
OhridNews
извор: „Макфакс“