Со голем митинг на кој беше претставен кандидатот за претседател на владејачката коалиција Ѓорѓе Иванов, ВМРО ДПМНЕ традиционално од Охрид ја започна кампањата за претседателските избори, најавувајќи нова победа, осма за нив.

„Државата пред се“ е изборното мото на Иванов, кој истакна дека како и до сега и отсега ќе се залага за развој и економски просперитет на земјата и нејзина евроатлантска интеграција. Тој побара поддршката од граѓаните за втор мандат за, како што рече, да продолжи да работи за доброто на земјата како што тоа го правел во изминатите 5 години во кои тој подвлече дека ги реализирал сите ветени проекти.

-Ве повикувам сите вас, сите граѓани, стопанственици, претставници на цивилното општество, културата, науката, спортот, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото општество. Европа во Македонија и Македонија во Европа.-порaче Иванов.

Доколку повторно ја добие поддршката од граѓаните, Иванов најави дека ќе продолжи да вложува напори за решавање на деценискиот спор за името, посочувајќи дека единствено ќе прифати решение кое нема да задира во идентитетските прашања и кое ќе биде прифатено од граѓаните.

-Како претседател нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, Македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени. Само како Македонија и како Македонци сме придобивка за Европа и за светот, само како Македонија и Македонци Европа е придобивка за нас.-додаде Иванов.

Свое обраќање на митингот имаше лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски кој истакна дека коалицијата „За подобра Македонија“ од Охрид тргнува во победа на претседателските избори, посочувајќи дека силата е во народот, а тој добро знае да направи разлика во изборот.

-Од Охрид тргнуваме кон уште една победа на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Од Охрид ќе почне гласот кој ќе се шири во цела држава и кој ќе кажува кој работи, а кој не, глас кој ќе укажува на разликата помеѓу нас и нашите противници, кој ќе каже за нашите дела наспроти нивните недела, гласот на народот кој гледа и прави разлика, кој не подлегнува на никакви манипулации туку дава доверба врз основа на конкретни дела и исполнети ветувања. Токму тој глас – гласот на народот е нашата поткрепа.-истакна Груевски.

Тој е убеден во победата на кандидатот на владејачката коалиција, затоа што, како што рече, тој во првиот мандат покажал и докажал како се бранат интересите на својата земја.

-Претседателот Ѓорѓе Иванов во рамки на неговите ингеренции во изминатите 5 години работеше напорно и одговорно за Македонија и за сите граѓани. Тој покажа огромна активност, ангажираност, упорност и вложи огромен труд да ја оправда довербата на народот и да помогне каде што може, да помогне на Македонија и на националните и државните интереси, а тоа не е воопшто лесно.-рече Груевски.

На централниот митинг на ВМРО ДПМНЕ за претседателските избори во Охрид кој заврши со голем огномет, присуствуваа симпатизери на владејачката коалиција од сите краеви на земјата.

Горан Момироски
Фото: Емил Јовановиќ