Проблемот со гужвите пред избирачките места тешко се надминува поради повеќе причини, истакна претседателот на ДИК, Александар Даштевски

 

Избирачкиот список има многу повеќе страни од претходно и има рекорден број на листи и поради тоа проверката трае подолго време. Од друга страна преку една четвртина од отпечатоците од прсти кои биле добиени од МВР се со лош квалитет и утврдувањето на податоците  се одвива побавно. Исто така како причина се и Ковид мерките, потенцираше Даштевски.

Според најновите инструкции од ДИК во избирачките места се пуштаат луѓе колку што има паравани. Даштевски потенцираше дека  гласањето ќе биде продолжено онолку време колку што е потребно за сите кои се наоѓаат на избирачкото место во 19 часот да можат да гласаат. Тоа значи дека изборниот молк ќе трае додека се одвива гласањето, истакна првиот човек на Државната изборна комисија.

Како што информира Даштевски, до ДИК се стигнати информации дека на некои гласачки места не се гласа со употреба на апарати за отпечаток од прст. Така одлучиле членовите на избирачките одбори, што е незаконски.

Добивме информации дека некои членови на избирачки одбори престанале да гласаат со фингерпринт апаратите. Тоа се незаконски одлуки на тие лица. Сугерираме да продолжат да гласаат со апаратите, во спротивно, гласањето ќе мора да биде поништено, а лицата да бидат санкционирани, истакна Даштевски и уште еднаш апелира да се гласа со употреба на уредите за биометриска идентификација.

Тој напомена дека ДИК нема донесено одлука за гласање без употреба на фингерпринт апарати, освен во шест избирачки места: 1774 во Ново Село, 1162 во Старо Нагоричане, 2354 во Студеничани, 2942 во Чаир и во две во Чучер Сандево.

 

OhridNews