Изборните митинзи на политичките партии за предстојните парламентарни избори ќе се одржуваат на некогашниот Полигон за мали спортови. Ова е одлуката која денес ја донесоја советниците, по предлог на градоначалникот Александар Петрески. Како што образложи градоначалникот, причина за ваквиот предлог се големите количини отпад кој зад себе го оставаат присутните на митинзите, како и уништувањето на цветните насади околу градскиот плоштад- локацијата на која во изминатите години се одржуваа предизборните митинзи. 


Оваа предизборна кампања ќе се одржува пред самиот почеток на туристичката сезона, кога градот се подготвува за дочекот на туристите. Поаѓајќи од искуството од минатите години, кога по завршувањето на митинзите остануваа купишта расфрлан отпад насекаде во центарот на градот, а зелениот појас беше целосно уништен, сметам дека градскиот полигон е посоодветно место за ваквите настани. Ние како локална самоуправа на организаторите ќе им ги обезбедиме сите потребни услови за одржување на настанот, а добивме и ветување од сопственикот на локацијата, градежната компанија Гранит дека ќе може да се користи без плаќање надомест, рече Петрески.


Со ваквиот предлог не се сложија советниците од ВМРО- ДПМНЕ. – Изборниот митинг на партијата, од чии редови доаѓаме, веќе го има најавено датумот на одржувањето на настанот и ги имаме добиено сите одобренија од соодветните институции за негово одржување на градскиот плоштад, рече координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.

Со мнозинство гласови, предлогот на градоначалникот Петрески беше прифатен.

Советниците на денешната триесет и трета по ред седница, меѓу другото расправаа и за предлог одлуката за усвојување на извештајот за реализација на Програмата за изградба на системи за водоснабдување за периодот од 01.01.до 31.03.2011 година, предлог одлуката за усвојување на Извештајот за реализација на Програмата за јавно осветлување за периодот од 01.01.до 31.03.2011 година, извештајот за реализација на Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Охрид за периодот од 01.01.-31.03. 2011 година, како и за извештајот за реализација на Програмата за потикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за периодот од 01.01.-31.03.2011 година.

Т. К.