Заврши анкетата на која граѓаните можеа да гласаат за вкупно пет идејни решенија за плажа на Охридско Езеро во општина Дебарца, кои пристигнаа на конкурсот за изработка на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување плажата, објавен од Министерството за транспорт и врски. Од вкупно пристигнатите пет идејни решенија, најмногу гласови има добиено третиот проект, односно 56 проценти од вкупно 3.072 гласа, по што следуваат првото идејно решение за кое гласале 21 процент од вкупниот број на гласови, второто решение со 14 проценти, четвртото со 7 проценти и петтото со три проценти од гласовите.

Во наредниот период Министерството за транспорт и врски ќе донесе Решение за доделување на награда, како и за исплата на трошоци за останатите идејни решенија.  Проектот се однесува на уредување на една плажа на дел од Охридското езеро која се наоѓа во непосредна близина на Аеродромот “ Св. Апостол Павле-Охрид” на територија на општина Дебарца.

Целта на проектот е да се овозможи користење на водената површина како и можност за рекреација на предметната локација со што ќе се овозможи континурано користење на истата преку текот на целата година. Плажата е предвидена да се изгради согласно највисоките туристички стандарди а особено внимание ќе се посвети да не се наруши еко-интегритетот на околината. Концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на некои од обележјата, кои се јавуваат како специфични за тој регион, при изработка на архитектонско-идејното решение беше основно начело што се бараше на конкурсот.

Предвидено е на плажата да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали. Сервисниот пункт треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.

OhridNews