Христијан Шапкар еден од сопствениците на компанијата АМАК-СП, Борис Маркулески, сопственик и менаџер на хотелот „Тино“ и Олег Маленко од туристичката агенција „Вис пој“  се кумовите на  големата верска манифестација „Богојавление Водици 2009“. Вака денеска едногласно одлучи  Управниот одбор на Здружението „Богојавление“. Кумството ќе им биде предадено на 17 јануари идната година.


Кумовите на Водици

„ Му се заблагодарувам на здружението „Богојавление“  што ја поддржа нашата кандидатура. Сведоци сме дека  секоја година манифестацијата добива на масовност и квалитет, а ние ќе се потрудиме да овозможиме  уште поголем квалитет“, изјави Христијан Шапкар, еден од новоизбраните кумови.

„Ќе бидеме  вистински кумови на Охрид“, додаде Олег Маленко, а Борис Маркулески дополни дека  оваа кандидатура за кумството, тројцата другари ја подготвувале веќе подолго време.


До здружението „Богојавление“ годинава пристигнале 9 кандидатури од различни градови во државава.

На денешната прес-конференција беше најавено дека се работи на воведување новини со кои ќе биде збогатена манифестација. „Ќе се потрудиме  да ги елиминираме и грешките  кои се проткајуваа во текот на изминатите години“, кажа потпретседателот на здружението, Митко Пендов.

Успешно кумство на новите кумови денеска им посака и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој ја поддржа идејата на здружението, оваа манифестација во Охрид да прерасне во центар на целото православие.
Светиот крст  и на 19 јануари 2009 година ќе се фрла од охридското пристаниште.

                            А.Р.