Буџетот на општина Охрид за наредната 2018 година ќе изнесува 1 007 597 123 денари. Буџетот кој е за околу 50 милиони денари помал претходниот, беше изгласан на денешната седница на советот.

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ која на самиот почеток на седницата го напушти работењето, искажа несогласување со проекцијата на буџетот посебно потенцирајќи дека во делот на туризмот во голема мера се намалени средствата.

– Буџетот кој денес ќе се донесе ќе биде уште еден доказ за лицемерието на СДСМ и доказ за фактот дека едно зборуваат во предизборна кампања, а сопсема друго прават кога се на власт. Да ве потсетам дека кога зборувавте за туризмот силно се биевте в гради, а денес кога треба да вложите во туризмот го кратите сето добро што постоеше, рече Лидија Петкоска, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалникот Јован Стојаноски ги отфрли ваквите обвинувања.

– Не е точен податокот дека буџетот на општина Охрид со предвидувањето на годишниот план за оваа година ќе ги намали средствата во туризмот, ниту пак е точно дека средствата за од едни ставки се прераспределуваат за нови вработувања. Значи сите вработувања кои ќе бидат реализирани не се нови туку ќе им биде решен статусот на оние кои и досега биле во општинската администрација, вели градоначалникот Јован Стојаноски.

Без поголема расправа на денешната седница беа изгласани четириесеттина точки од дневниот ред, меѓу кои и предложените одлуки за усвојување на развојните програми за 2018 година, одлуките за тековно работење на ЈП како и измените на програмата за режимот на сообраќај во делови на општина Охрид.

OhridNews