Изгласана одлука за изменување на годишниот план за вработување на Општина Охрид за 2022 година. Советот на денешната седница со 14 гласа ЗА и 7 против изгласа за нови 10 вработувања кои се предвидени со Планот.

Од опозициската СДСМ со забелешка дека во услови на превработеност во Локалната самоуправа, потребните работни позиции треба да се исполнуваат од веќе постоечките кадри со кои располага Општината. Како што истакна советничката Живка Ангелоска, веќе имало шест вработувања од Планот за вработувања  во 2021 година, a ако се реализираат и новите предвидени 10, новата власт ќе има реализирано 16 нови вработувања во Општина Охрид.

Според Ангелоска треба максимално да се искористува работната сила и треба да им се даде шанса на луѓето кои веќе се во општината.

После овие три месеци кога постојано слушаме за голема задолженост на општината и превработеност, она што го очекувавме беше во најмала рака да имаме годишен план за вработување којшто ќе предвидува повеќе унапредувања, а помалку вработувања. Сега наместо осум имаме десет нови вработувања, а она што збунува е во однос на унапредувањата. Наместо да се најде начин да бидат потполнети местата на луѓето кои заминуваат во пензија со интерни огласи, јас  видов унапредување на веќе пополнети места. Одредени работни места бараат посебни квалификации и посебни услови кои што треба да се задоволат, но сигурно е дека има квалификуван кадар во општината. Доколку постои можност овие 10 луѓе кои планирате да ги вработувате најдете ги во општината, истакна Ангелоска. 

Забелешка имаше и од советникот Ванчо Костоски, кој е согласен дека во услови кога во општината има моментално 276 вработени лица, би било добро работните позиции да се пополнат со веќе вработените во Општина Охрид со трансформација на работни места.

Секретарот на Општина Охрид Александар Китески, појасна дека не мора во текот на годината да се реализираат сите 10 нови вработувања, а предвидените работни места се навистина потребни. Како што вели Китески, во претходниот план не биле предвидени работни позиции кои што се неопходни.

Имаме две работни позиции повеќе од претходниот план, меѓутоа не знам од кои причини во тоа време не се предвиделе вработување на командир на територијална противпожарна единица и командир на одделение на противпожарна единица, туку сте предвиделе само еден командир на одделение, а таму имаме ослободување на работни позиции на тројца командири и пензионирање на командирот на територијалната противпожарна единица. Тие двајца кој не биле предвидени е она што е плус тука. Во однос на тоа дали ќе бидат реализирани 10 вработувања, со оглед на тоа дека ова е сепак План, за да се уверите дека нема да бидат толку ќе мора да почекаме да заврши годината, истакна Китески.

Советниците денес расправаа и по уште 43 точки на Дневен ред откако од вкупно предложените 46, две беа повлечени. На седницата доминираа точки од урбанистичката сфера, односно одлуки за вклопување на бесправно изградените објекти, изградени на пошироката територија на Општина Охрид. На седницата се изгласаа и одлуки кои се однесуваат на финансиско – фискалната политка на општинската администрација и јавните установи. На денешната седница, беа разрешени старите и именувани нови членови во повеќе училишни одбори

К.А.