Се кратат средстава за капитални инвестиции наспроти непродуктивните трошоци велат советниците од опозицијата на денешната седница на Совет каде беше изгласана Одлуката за измени и дополнување на буџетот на Општина Охрид. Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески вели со предложените измени се врши пренамена на средствата, нема ниту зголемување, ниту намалување на висината на постојниот буџет.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска истакна дека општ впечаток е дека малтане во сите програми се кратат средства коишто се предвидени за одредни активности, а некои активности и целосно се отстрануваат, посочувајќи дека нејзините забелешки се секогаш насочени таму каде што се кратат средствата за капитални инвестиции, наспроти непродуктивните трошоци и пред се кога содржините од буџетот се од самиот почеток осудени на еден неуспех, велејќи дека како што поминува годината се отстрануваат од самиот буџет.
Во Програмата за ЛЕР, како една од ретките каде што се додаваат средства истите се за учество во проекти на Општина Охрид, но доколку се отстранат тие средстава од самата Програма за ЛЕР, тогаш од буџетот на Општина Охрид се издвојуваат 2 милиони денари. Од нив 1 милион денари се за едукативи содржини, најразлични обуки и останува 1 милион денари за вложување во локалниот економски развиток на Охрид. Сметам дека Охрид како туристички центар заслужува многу повеќе и дека токму програмите за туризам и ЛЕР треба да бидат на едно повисоко ниво, а не само да имаат содржини за да зафаќаат простор. Потребно е да се направи пракса на поголема соработка со чинителите од туристичкиот и еконосмкиот сектор за да можеме да зборуваме за програми кои носат бенефит, вели Ангелоска.

Дека локалната власт нема среќа со проектите оваа година ни покажуваат и програмите за сообраќајна сигнализација каде се трга целокупниот износ за изработка на проекти во сообраќајот, а исто така и за одржување на локални патишта, каде што она што претходниот буџет го внесувавме, а тоа беше партиципација на Општината за атмосферска и фекална канализација за улицата „Гоце Делчев“ сега го отстрануваме, што ни покажува дека сме на чекор повеќе да го изгубиме тој проект. Водечката програма кога се работи за капитални инвестиции е Програмата за уредување на градежното земјиште. Од почетокот до сега најмногу се врши кратење во оваа програма од високи над 30 милиони денари, што значи дека сите големи проекти се отстранети, со ветување дека ќе бидат реализирани во наредниот период. Зборувам за реконстукција на „Крушевска Република“, партерно уредување на паркот кај споменикот „Ден Долард“, реконструкција на улицата „7-ми Ноември“, велосипедската патека којашто беше предвидена Охрид-Св. Стефан… Се намалуваат и средствата за образовен додаток, ставка која ја додававме, а сега ја намалуваме со објаснување дека не аплицирале доволно апликанти, со што 400 илјади денари не стигнаа таму каде се најпотребни, потенцира.
Се надевам, додава Ангелоска дека после оваа година без проекти локалната власт во текот на наредните години ќе го реализра тоа што го вети пред граѓаните, а по донесување на Одлуката за измени и дополнување на буџетот на Општина Охрид за очекување е буџетската година да заврши со реализација од околу 95%, зошто ако добро се погледне буџетот во 2022 година сме имале буџет за манифестации, субвенции, фестивали и ситни зафати.
Со предложените измени немаме ниту зголемување, ниту намалување на висината на постојниот буџет, како на вкупниот, така и на основниот, со што висината на буџетот и понатаму останува во рамки на досегашните проекти, вели секретарот Китески.
Со предложените измени се врши пренамена на средства од ставка и од програма во програма. Пренамени на кои бевме принудени од две причини, и тоа повисоките сметки за потрошена електрична енергија во делот на уличното осветлување каде се јавува недостиг на средства за покривање на овој вид на расходите за месец октомври и ноември, дел кој учествува во износ од околу 11 470 000 денари во вкупните измени. Вкупната измена е од околу 15-16 милиони денари. Втората причина е дисбалансот кој се јави во одредени буџетски програми и кондиции поради извршување на средстава од сметката на Општина Охрид на крајот на август наплаќани од повеќе позиции по основ на извршни решенија, што во голема мера ја наруши функционалноста на буџетот во проектираните рамки поради што во одедени буџетски позиции и програми се јави потреба од планирање на дополнителни средства. Со предложените измени воопшто не се доведува во прашање извршувањето на активностите по програмите и зацртаните цели туку се врши корекција на потребни средства до крајот на оваа буџетска година кај активностите кои се во тек, потенцираше Китески.
Остварувањето на проектираните приходи, истакна, тече во најдобар тек и доколку до крајот на годината не настанат поголеми пореметувања во финансиските текови за очекување е дека остварувањата на приходи ќе бидат над 90%, нагасувајќи дека доколку не се појавеле овие два проблеми немало да има никава потреба од интервенција во буџетот до крајот на годината.
Н.С.Ј.













