На денешната седница на советот на Општина Охрид беше изгласана и Предлог-одлука за донесување правилник за субвенционирање на општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Охрид. Советникот Ванчо Костоски рече дека добро е што субвенционирањето на линискиот превоз се спроведува години нананзад.

Но, од минатата година до сега имаме зголемување некаде за скоро 80% на средствата кои се издвојуваат за оваа намена, односно од 3,5 милиони денари сега се 6 милиони. Тоа можеби и е во ред со оглед дека ги прошируваме линиите кон Дебрца. Забелешката моја е дека можеби не требаше да дозволиме поскапување на билетите кои ги поминаваме на седница на Совет, значи ги поскапивме и билетите и даваме субвенции 10 денари по изминат километар. Можеби не требаше да го поскапиме билетот кога даваме вакви високи субвенции, рече Костоски.

Тони Иваноски од Секторот за општи работи, рече дека износот не е зголемен во однос на минатата година, туку дека е и намален.

За да нема забуни, износот не е зголемен и овие 6 милиони денари се однесуваат за субвенционирање на линискиот превоз за цела година, а 3,5 милиони од минатата година беа согласно мерките на Владата само за четири месеци. Така што субенциите доаѓа дека се идентични или нешто пониски од минатата година. Целта не беше да се субвенционираат граѓаните, туку целта беше да се одржат линиите во оние места каде што буквално превозот е донесен на работ на егзистенција, рече Иваноски.

Советничката Ана Крстеска со предлог кога ќе се доделат средствата на превозниците како јавна информација секако ќе стои на страната на Општина Охрид, но таа информација да не биде само моментална, туку на страната да стои како трајна информација кои се тие превозници како лицата од категориите на корисници на социјална помош и лица со посебни потреби би биле прецизно информирани дека имаат право на бесплатен превоз и кои се превозниците.

На седницата беше верификуван мандатот на советничката Леона Кичеец од „Охрид пред се“, а беа и изгласани решенијата за избор на член во Комисијата за јавни и комунални дејности, за избор на член во Комисијата за финансии и буџет и за избор на член во статутарно – правна комисија.

Беше изгласана и оперативна програма за организирање и функционирање на службата за зимско одржување на патишта и улици на подрачјето на општина Охрид за период март 2022 – март 2023 година, како и одлука за остварување на субвенции во линискиот превоз на патници, кој заеднички го организираат Општина Охрид и Општина Дебарца.

Точката за Предлог-одлука за давање согласност на правилникот за давање дополнителни услуги од страна на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) при Општина Охрид, беше повлечена од дневен ред со образложение дека треба да се доработи.

Н.С.Ј.