Со 53 гласови „за“ и 26 воздржани, пратениците вечерва ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. Законот, чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, беше донесен по скратена постапка.Прифатениот прв амандман во тек на комисиската расправа е поврзан со мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Се предвидува ова да бидат времени мерки.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени на Законот произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и, како што рече, поучени од искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.
Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очгиледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки, рече Филипче.

Носењето маска на отворено ќе има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.
Уште нешто што е веќе уредено со Уредба, е задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирусот. По закажувањето на тестот или самото тестирање до добивањето на резултатот секако дека самоизолацијата продолжува ако е резултатот позитивен и забраната за групирање на јавен простор, како и јавни површини во одредени периоди од деноноќието, истакна министерот.
Пратеникот Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ во обраќање на собраниската седница укажа дека благодарение на ВМРО-ДПМНЕ од Законот е избришана мерката за забрана на групирање во домовите. Ова, додаде тој, следи по нашето укажење за повреда на домот и приватноста предвидени во Уставот.
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица рече дека ќе гласа воздржано за законските измени и оти „во медицината е дилетант и она што ќе го каже може да биде затемнето со неточности“. Но сепак, рече дека очекува извинување од министерот Филипче кого го нарече „министер за задгробен живот за грешките кои ги направил во менаџирањето во кризата“. Апасиев истакна дека недостасуваат податоци за починатите и дека според него сите се запишуваат како починати од коронавирусот, дека нема транспарентност за употребената терапија на заболените…

Во измените и дополнувањата на Законот стои дека Законот за заштита на населението од заразни болести ги уредува мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.
OhridNews











