Во охридската Противпожарна служба вчера, околу, 8.15 часот било пријавено опожарување на индивидуален станбен објект на улицата „15-ти Корпус“. Противпожарните екипи веднаш интервенирале, со 4 возила и 11 пожарникари. Пожарот бил локализиран во 8.40 часот, а целосно ликвидиран во 9.30 часот.
Како што информира Горан Маркоски, заменик командир на охридската Територијалната противпожарна единица, пожарот избувнал во оџакот на објектот по што бил зафатен и покривот на куќата кој целосно изгорел. Причината за пожарот бил неисчистениот оџак.
Маркоски апелира за редовно чистење на оџаците, најмалку еднаш во годината, а по потреба и повеќе пати, во зависност од димензиите на оџаците и влагата што ја содржат дрвата кои се користат за огрев. Доколку тие содржат повеќе влага, потребно е и почесто чистење на оџаците, поради поголемото таложење.
OhridNews