Премиерот Никола Груевски, при денешната посета на селото Елшани изјави дека при крај се подготовките за реализација на проектот за изградба на најавената медитеранска плажа во Лагадин.
– Избран е идејниот проект, а при крај се и активностите околу изборот на изведувач. Градежните активности ќе започнат во септември, може и веднаш но не сакаме овој дел од крајбрежјето да биде вон употреба во текот на туристичката сезона, рече премиерот Груевски.
Груевски информира дека изготвени се идејни проекти и за плажите во Љубаништа, Даљан, кај Извидничкиот камп и за потегот од Студенчишкото блато до хотел Парк и дека се очекува наскоро да се распише и оглас за избор на најповолен изведувач.
Како што беше претходно кажано проектот за изградба на медитеранската плажа во Лагадин, во должина од 500 метри, чини 75 милиони денари. На потегот од петстотини метри предвидени се повеќе содржини: сервисен пункт, два шанка, два објекта со тоалети, тушеви и гардероби, објекти за сместување на лежалки и чадори, игралишта за деца, две платформи во вода, два мола за прифаќање на чамци, педалини и др. пловни објекти. Во средниот дел од плажата ќе бидат поставени две дрвени платформи во езерото во групација од четири шестоаголници, изведени со двени колови, греди и даски. На плажата ќе бидат организирани делови со лежалки и чадори (со различни бои и облици), дел со балдахини и слободни песочни делови за корисници кои сакаат сончење на песок, кабини за преслекување, тушеви, спортски терени за фудбал и одбојка на песок, детски игралишта, опремени со реквизити, куќички за спасители, јарболи со државно знаме, клупи , натписи/информативни таблоа и др.
Околу 200 жители на населбата Лагадин потпишаа и поднесоа петиција до надлежните институции барајќи да не се реализира проектот. Според нив, „имплементација на проектот е спротивна на бројните закони за животна средина, заштитени видови и законот за води, според кои се заштитува крајбрежјето и појасот на трска заедно со сиот растителен и животински свет.“
OhridNews