Локалната самоуправа не ја спречува изградбата на нов Здравствен дом, во согласност со законските прописи, се обидуваме колку што можеме да ја забрзаме реализацијата на проектот, категорични се од Локалната самоуправа. Неодамнешните обвинувања на директорот на Здравствен дом, дека локалната ја кочи изградбата на Здравствен дом, од градоначалникот Александар Петрески и раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, се отфрлаат како неосновани.


 
Ние сме тие кои ја инициравме целата работа за скратување на постапката за изградба на новиот Здравствен дом, кој треба да се гради во кругот на Општата болница. За овој дел од градот,  во моментот, нема детален урбанистички план по кој ние би издале локација за изградба. Поради тоа, ние отпочнавме постапка за урбанизација на тој простор со цел да се утврди локација за изградба на домот . Во меѓувреме, настана промена во Законот за просторно и урбанистичко планирање со што се даде можност да се изработуваат локални урбанистички плански документации, со кои во голема мера се скрати постапката за донесување на урбанистички решенија. Во тој момент ги повикав од Здравствен дом и ги информирав за измените, па ги насочив да ги искористиме  за побргу да ја решиме локацијата, советувајќи ги  да изработаат локална урбанистичка планска документација, објаснува Арнаудоски. За да не прават дополнителни трошоци, Арнаудоски додава дека им посочил документацијата да ја изработи гостиваската фирма Полог- проект, со која локалната самоуправа претходно веќе соработувала и која веќе ги имала доставените изработени, ажурирани геодетски подлоги. 


Изработената локална урбанистичка планска документација ја доставија до општина, од страна на советот беше усвоена и ние врз основ на тоа издадовме извод од урбанистички план. Меѓутоа, земјиштето на кое се утврди локацијата е во сопственост на РМ , а Законот за градежно земјиште е дециден –  кога станува збор за изградба на објекти од јавен интерес на простор чиј сопственик е државата, односно менаџира министерството за транспорт и врски, по барање на јавната институција, мора да биде склучена директна непосредна спогодба за долгорочен закуп во времетраење од 99 години. Само врз основ на тоа, ние можеме да издадеме одобрение за градба, потенцира раководителот на Секторот за урбанизам.

Арнаудоски објаснува дека заклучно 14.03. 2011 до локалната самоуправа не е достаен бараниот документ, па согласно дадените рокови за изјаснување по доставени барања, од страна на локалната самоуправа е донесено решение за одбивање на барањето за одобрение за градба. 

Градоначалникот Петрески објаснува дека изградбата на нов Здравствен дом е во интерес на сите граѓани. – Ние докажавме дека го подржуваме проектот, но како за сите така и во овој случај мора да ги почитуваме зкаонските прописи. Ако уште денес го достават документот за склучена спогодба за долгорочен закуп, ние веднаш ќе им издадеме решение за градба, вели Петрески.

Т. К.