Поради административни проблеми и недоразбирања на релација централна – локална власт, неизвесно е кога ќе започне изградбата на новите училишта во Струга.


Министерот за образование, Перо Стојаноски, при денесшната посета на Струга рече дека за да се завршат работите потребно е да има желба и волја и кај локалната самоуправа.

-Ние распишавме тендер за изградба на две средни нучилишта на подрачјето на општина Струга едното во градот, другото во близина на Лабуништа. Тендерите завршија евалуацијата се направи сега следува момент кога општината треба да даде дозвола за градба, истакна Стојаноски. Тој посочи дека општината сеуште нема издадено одобрение за градба, иако, како што рече, МОН и Владата  во услови на рецесија кога имаше скратувања на буџетот обезбедија средства за изградба на нови училишта со кои треба да се надмине просторниот проблем во училиштата „ Ибрахим Темо“ и „Нико Нестор“.


Стојаноски укажа дека МОН префрлило 5 милиони денари да се адаптираат просториите во средните училишта во Струга, но ниту тоа не било направено. Тој изрази надеж дека општината ќе го почитува договореното и ќе го реализара својот дел од обврските.


За разлика од министерот, Локалната самоуправа одговорноста ја лоцира во Владата.

– Опшпштината има одредено локација за училиште до одморалиштето „25 Мај“ која беше наменета за спортски центар. Министерството за транспорт треба да ни даде согласност дека таа локација може да се пренамени за изградба на средно училиште. Значи Владата сама треба да го реши тоа со пренамена на локацијата, а после ние во Деталниот урбанистички план ќе предвидиме локација за средно училиште и веднаш ќе ја дадеме дозволата за градба, изјави Џејми Хајредини, советник за образование во локалната самоуправа.

Во Струга денеска се одржа отворен ден на Министерството за образование на кој меѓу другото стана збор и за проблемите со просторните услови во средните училишта „Ибрахим Темо“ и „Нико Нестор“, кои надлежните ги посочуваат како главна причина за меѓуетничките конфликти кои беа  чести во изминатите неколку години.

Ohridnews