Изградбата на новиот плоштад на просторот каде некогаш се наоѓаше старата библиотека во центарот на Охрид доцни. Причина за тоа според Локалната самоуправа се неопходните измени во ДУП за урбаната единица 1-Табана, кој треба да биде донесен в година.


Овој ДУП во првата фаза пред да се урне стариот објект на библиотеката предвидуваше урбанизација на површина од 2,7 хектари. После сфаќањето на Владата и добрата волја да се отвори погледот кон цитаделата и болничките цркви, односно да се уреди Долна порта, овој ДУП се прошири и ќе опфаќа површина од околу 5 хектари, изјави заOhridnews, портпаролот на Општина Охрид, Никола Манески.

Манески информираше дека ДУП за Табана е во фаза на изработка за што се обезбедени потребните 74.000 денари. Портпаролот на општината објаснува дека новиот ДУП, покрај отворање на просторот кај цитаделата и болничките цркви опфаќа уште и кракови од улиците „Коста Абраш“, „Самоилова“, „Македонски просветители“, потоа преминот помеѓу Амамот и комплексот Летница па се до крајбрежјето. Со новиот ДУП исто така се предвидува и проширување на главниот градски плоштад, додава Манески. Тој вели дека доцнењето на изградбата на малиот плоштад е од оправдани причини затоа што во исто време Заводот и Музеј ги изработува заштитно конзерваторските подлоги кои се неопходни за урбанистичко осмислување на просторот.


На просторот на кој се наоѓаше старата библиотека предвидена е изградба на мини плоштад каде ќе биде поставен споменик на Христо Узунов, а се планира и изградба на охридска куќа која според најавите ќе биде во функција на туризмот и историскиот фестивал кој за прв пат се одржа оваа година.

Г. Момироски