Центарот за развој на југозападниот плански регион и Германското техничко друштво за меѓународна соработка потпишаа договор за финансирање на четири регионални проекти,од областа на одведување и третман на отпадни води.
Станува збор за изработка на основен проект за пречистителната станица во населбата Трпејца, колекторски систем од селото Радожда до Калишта, за пречистителна станица во Центар Жупа, како и изработка на Cost benefit analysis за систем за одведување отпадни води во Кичево.
– Изработена е и студија за одведување отпадни води од Градиште до Свети Наум,што претставува базичен докумен за дбивање на овој проект и заедно со основниот кој ќе се изработи, се овозможува да се изнајдат средства и за изградба на системот од Градиште до Св.Наум, или во најмала мера за изградба на системот во Трпејца, што претставува жешка точка на крајбрежјето, вели м- р Мирјана Лозаноска , директор на Центарот за развој на југозападен плански регион.
Според пресметките на Центарот, за реализација на четирите проекти би се добиле вкупно 11. 421.000 евра. Ако се оди на варијанта за изградба на пречистителна станица во Трпејца 525.000 евра, додека пак ако се гради системот од Градиште до Св. Наум тогаш би се обезбедиле 2 мил евра. За основниот проект за колекторот од Радожда до Калишта би се обезбедиле 446.000 евра , за станицата во центар Жупа 450.000 евра и за кичевско веќе се обезбедени 10 милиони евра.
– Документацијата е веќе изработена, и согласно договорот техничката документација треба да биде готова до крај на јули. За реализација на секој од четирите проекти би биле потребни од една до две години, односно тие би биле завршени 2016, односно 2017 година, објаснува Лозаноска.
Благодарност за преземените активности за реализација на проектот за изградба на пречистителната станица во Трпејца изразија од Здружение на граѓани „За Трпејца со љубов“, од каде беше истакнато дека заштитата на овој дел од крајбрежјето е повеќе од потребна.
– Со се поголемата урбанизација во Трпејца дојде до алармантна состојба и во голема мера до загадување на езерската вода. Се надевам дека ова е поттик и за останатите надлежни да се помогне за заеднички да се реши проблемот и да се создадат услови за реализација на проектот, односно што поскоро да се дојде до потребните средства за изградба на станицата, изјави Милчо Јованоски од здружението на граѓани „За Трпејца со љубов“.
Проектите се дел од годишната приоритетна листа на проекти утврдена од страна на Советот за развој на Југозападниот планински регион.
Т.Кувенџиска