Раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, објаснува дека со изработка на деталниот урбанистички план за просторот на кој сега се наоѓа автобуската станица, се започнало уште по носењето на генералниот урбанистички план, според кој е извршено дислоцирањето.
Деталното урбанистичко решение за овој потег во ноември минатата година како нацрт план беше усвоен од страна на советот на општината, по што беше даден на јавна анкета.
– Изработени се сите приговори по планот и набавени се задолжителните мислења од 12 државни институции. Планот го доставивме до министерството за транспорт и врски од каде што со огромен број забелешки беше вратен на доработка. Ние ги доставивме до изработувачот на планот, кој треба да се произјасни и даде мислење околу нив. По усогласување на дел од забелешките и одговор на останатите, очекуваме планот повторно да биде испратен до министерството за да даде согласност, по што би требало да следи изјаснување на советниците, вели Арнаудоски.
Раководителот на Секторот за урбанизам не е оптимист дека надлежното министерство ќе се произнесе за скоро време. – Минатата година до министерството за транспорт и врски беа испратени подготвени 12 предлози за урбанистички планови и иако беа изработени од страна на лиценцирани проектански куќи и согласно законските прописи и правилници, сеуште чекаме на одговор од надлежното министерство, објаснува Арнаудоски.
Во повеќе наврати до сега од страна на локалната самоуправа како причина за доцнењето на изградбата на новата автобуска станица се наведуваше тоа што земјиштето е во сопственост на државата. Според најавите на министерството за транспорт и врски од 1 јули годинава управувањето со неизградено државно градежно земјиште ќе премине во надлежност на општините. Па така, овој проблем конечно ќе се реши, но ќе остане да се чека позитивниот одговор на надлежното министерство, но и советниците да дадат амин за реализацијана планот.
Охриѓани на изградба на долгонајавуваната современа автобуска станица со модерен деловен комплекс чекаат со години, уште по дислоцирањето во 2006 година.