Последниве три месеци изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид кој се наоѓа во склоп на СРЦ „Билјанини Извори“ е интензивирана, откако имаше застој поради проблеми со подземни води, – информираше за OhridNews, првиот човек на Агенцијата за спорт и млади, Наумче Мојсовски.

Се што треба е санирано и активно се гради базенот во Охрид. Во мојот досегашен мандат два пати бев во работна посета, за лично да се уверам дека работите се одвиваат според планот. Моментално изградбата е на половина, а последен рок за завршување на базенот и клуч на рака е крајот на 2021 година. – рече Мојсовски.

Тој додаде дека буџетот ќе остане ист 5 милиони евра, како што бил потпишан договорот во 2015 година кога официјално започна изградбата.

Затворениот пливачки базен во Охрид во кој ќе има два базени (12,5 на 6,5 метри со длабочина од 0,8 до 1,2 метри и 25 на 33 метри и длабочина од 2 метри) ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар.

Михаил Постоловски

 

Обновено: Започна изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид