Граѓаните кои изгубиле свидетелства, дипломи, уверенија, индекси и легитимации од сега, по електронски пат ќе може да ги прогласат за неважечки. Ова ќе го овозможи ЈП Службен весник на Република Македонија, преку својата веб страница: www.slvesnik.com.mk

Според евиденцијата,  за објава на овие документи, годишно пред шалтерите на ЈП Службен весник , доаѓаат околу 10.000 граѓани. Само поради изгубени свидетелства, во текот на минатата година, објава побарале околу 5.000 лица, за изгубена легитимација или книшка се обратиле околу 2.000 лица, а за диплома околу 1.500 граѓани.

-Тоа е многу потрошено време, непотребно загубени саати и трпение. Наместо на шалтер, сега треба да влезете на нашиот електронски портал и да кликнете на насловот – уплата за неважечки документ преку интернет. Потоа се е лесно и едноставно, изјави директорот на ЈП Службен весник на РМ, Тони Трајанов, на вчерашната промоција на овој вид електронско огласување.

Оваа новина се воведува како продолжение на проектот, со кој до сега електронски се објавуваа неважечките лични документи како лична карта, пасош, возачка и сообраќајна дозвола. Овој проект беше овозможен во соработка со Министерството за внатрешни работи.

OhridNews