Од увидот на терен утврдено е дека силните потреси што се случија минатата недела не предизвикале сериозни оштетувања врз објектите во Охрид. Како што велат од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС), тоа покажало дека прописите кои постојат во земјата за асеизмичко градење се почитувале во изминатите години.
– При увидот не видовме пукнатини, ниту оштетување во бојата на носечките конструкции, што е и најважно. Единствено треба да се обрати внимание на старите објекти. Од големо значење е сето ова да не се заборави и дека треба постојано да сме подготвени. Во Македонија во секој момент живееме помеѓу два земјотреса, за тоа мора сите да се свесни, од најмалите до надлежните. Подготвеноста се однесува на тоа да се соочиме со земјотресот, на што треба постојано да се работи. Земјотресите не можеме да ги спречиме, тие се природна појава, потенцира Вероника Шендова, раководител во ИЗИС.
Шендова заедно со уште 24 свои колеги, деновиве, повторно е во Охрид со цел обиколка на објектите, како и едукација на населението и надлежните лица во локалната самоуправа кои се задолжени да вршат проценка на штети од земјотресите.
– Наредниот период треба да се размисли за можност владата да обезбеди средства за во иднина да можат одредени објекти да подлежат на стручно испитување од страна на ИЗИС, со цел при евентуални нови потреси тие да не бидат оштетени. Тоа пред се се однесува на јавни објекти, рече градоначалникот Бакрачески.
Ангел Јанев од општинскиот Кризен штаб информира дека се преземаат мерки за спречување на понатамошно оштетување на старите и напуштени објекти кои претставуваат опасност за околината.
– Од страна на Кризниот штаб вчера е поднесено барање до министерството за транспорт и врски, дел од државните градежни инспекциски служби да дојдат во стариот дел од градот со цел лоцорање на објектите кои се разрушени, а чии сопственици не живеат во нив. Според законите, за нив не е надлежна локалната самоуправа, туку државните институции. Сопственците се должни да ги заштитат и спречат понатамошно уривање. Исто таква насока е дадена и до локалните инспекции за објектите во поширокото подрачје. Нашите екипи ако забележат вакви објекти треба да пријават и поднесат известување до општината, која ќе се обрати до сопствениците, изјави Јанев.
Според стручните лица тлото во Охрид очекувано се смирува. Во текот на последните два дена регистрирани се неколку земјотреси со послаб или умерен интензитет.
Т.Кувенџиска














