Деновиве во издание на Поетска ноќ од Велестово и ПНВ Публикации-Скопје од печат излезе монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“.

Книгата за печат ја подготви Славе Ѓорѓо Димоски, основачот на манифестацијата. Покрај текстуалниот материјал, монографијата богато е илустрирана со фотаграфии кои хронолошки го претставуваат нејзиниот развој во изминатите три децении.

Како што е познато, манифестацијата претставува антологија на македонската поезија и сликарство. На неа во овие три децении беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски и др. до најмладите, а од сликарите би ги издвоиле: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Никола Упевче, Емил Шулајкоски и др.

Исто така се претставија и други профили од светот на уметноста, како актери: Славко Нинов, Петар Темелковски, Томе Витанов, студенска група од класата на Владо Цветаноски, Варица Недевска, „Скрб и Утеха“, НАТГ Аматер–Охрид, музичари Владимир Четкар, Климент Тодоровски, Зоран Маџиров, „Старовски“. UNDONE и други.

Во Монографијата поместен е антологиски избор од досегашните претставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.

Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер претставен е избор на досегашните поети-странци кои зеле учество на манифестацијата, кои се од: Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка и др., а две јубилејни изданија беа посвети на поновата македонска поезија (на 25 и 30 издание) и по тој повод ја објави книгата „Гласови на новиот век/ панорама на поновата македонска поезија“.

Текстуалниот дел, покрај воведните делови кои се однесуваат на податоци за селото и за манифестацијата збогатен е со искажување и обраќања на наши и странски уметници.

Технички Монографијата ја подготви Јован Димоски, а изданието е објавено со материјална поддршка на Општина Охрид.

OhridNews