Во Музејот – спомен куќата на Робевци во Охрид, вечерва ќе биде отворена ликовна изложба насловена „Климент и Наум наша духовна светлина“, како дел од одбележувањето на јубилејот 1.100 години од смртта на Свети Наум Охридски.

На изложбата ќе бидат поставени триесетина дела на значајни имиња на нашата модерна ликовна уметност, меѓу кои  Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Благоја Дрнков, Симон Шемов, Симонида Филиповска – Китановска, Решат Амети, Мирослав Масин, Цветанка Јованова – Хермес, Запро Запров, Трајче Блажевски, Александар Јовановски – Мијак, Илија Кочовски, Тони Васиќ  и Димитар Малиданов.

Дел од делата што тие специјално ги изработија на оваа тема беа изложени на изложбата во Музејот на град Скопје во декември 2010 година.

Изложбата ќе ја отвори Словачкиот амбасадор во Македонија Роберт Кирнаг, а ја организира Асоцијацијата за култура Икон, со подршка од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид.

„Оваа изложба има изгледи да стане меѓународен проект со учество на уметници од сите словенски земји. Во преговори сме со ликовната колонија во Свети Наум ,оваа година да се приклучат и по двајца уметници од Словачка, Бугарија и Црна Гора кои би создавале дела на оваа тема, а наредните години да се приклучат и уметници од Србија, Украина и секако Русија до каде и стигнува писменоста од брегот на Охридското езеро“ – вели Климе Коробар претседател на Асоцијација за култура ИКОН.

OhridNews
извор: „Макфакс“