
Изложбата насловена како Старата архитектура на Дримкол” ќе биде отворена во фоајето на Центарот за култура во Струга.
Оваа изложба за старата архитектура на дримколскиот крај е само еден сегмент од големото фотографско милје на Ќушкоски. Во неговите фотографии покрај емоции има и длабока порака за зачувување на архитектонските вредноси на Дримкол.
Анастас Ќушкоски низ објективот на филмската камера и филмскиот апарат прикажува интересни фотографии при што го привлекува вниманието на гледачот да се запознае со традициите низ минатото во овој дел од струшкиот крај.
Анастас Ќушкоски е роден 1942 год. во Вевчани- Струшко, а завршил економски факултет во Прилеп. Како надарен автор на разновидни и различни уметнички полиња, тој креирал маркантни уметнички дела од областа на книжевноста, документарните филмови, во уметничката фотографија и истражил заблежителни научни факти на полето на уметноста, историјата и во други науки значајни за општеството.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото за наука, уметност и култура од Битола и Струга, како и член на Центарот за карпеста уметност на Македонија. Денес живее и работи во Вевчани.











