На покана на Фото клубот „Марибор“ од Марибор, Словенија, фотографите Димче Коруноски од Охрид и Зоран Андонов од Тетово имаат заедничка фото – изложба. Авторите на поставката која беше отворена оваа недела во галеријата на Универзитетската библиотека во Марибор, пред словенечката публика се претставија со триесетина фотографии.

Најголем предизвик на Коруноски во фотографијата се портретите и луѓето од улицата.

Претежно работам фотографии во црно – бела техника, бидејќи мислам дека на тој начин посугестивно можам да го доловам моментот на ликот кој ми позира или на минувачот кого сум го фотографирал. На овие мои 12 фотографии со кои се претставив пред словенечката публика, има портрети на професори, мои пријатели, но и на сосем непознати луѓе кои некаде сум ги сретнал и фотографирал. Посебно ми се интересни мотивите кои ги фотографирав во ромското маало во градот Лесковац во Србија, па на оваа изложба се претставив и со неколку вакви лајф фотографии, вели Коруноски, кој е претседател на Фото клубот од Охрид.

Фотографот Андонов, кој е член на Фото групата „Чкрап“ од Тетово, вели пред словенечката публика се претставил со 15 фотографии во боја на тема „Пеливани“.

Пеливанството, како вид на традиционална боречка вештина, секогаш е атрактивно како за гледања така и за фотографирање, бидејќи сета онаа физичка сила која пеливаните мораат да ја употребат во борбата, напорот, емоциите кои притоа се јавуваат на нивните лица, дава убава можност да се добијат добри фотографии. Токму затоа, а и поради тоа што за пеливанството многу малку се знае на тие простори, овие фотографии наидоа на голем интерес кај словенечката публика, изјави Андонов.

Изложбата на фотографии во галеријата на Универзитетската библиотека во Марибор ќе биде отворена до 8 мај 2023 година.

OhridNews

фото. МИА