Натали Башоска, која има холандско и македонско потекло, а пораснала во Пештани, својот интерес кон фотографијата го пројавила токму во охридскиот регион. Моментално студира филмска режија на уметничка академија во Њујорк.По преселбата во Њујорк, продолжила да создава добра фотографија инспирирана од различната средина. Секогаш дозволувајќи си слобода да менува стилови, го фотографира токму она што и го привлекува вниманието, а по одредено време поминато во Њујорк, сфаќа дека тоа се различностите на луѓето.
„За мене Њујорк не е „Америка”, туку цел свој свет во едно. Сите поединци што ги запознавам се сосем различни од тие што ги знаев и сите на свој начин ми го привлекуваат вниманието дали со изгледот, поттеклото, ставот кон уметноста илиставот кон животот. Така, започнав да ги фотографирам. Уличната фотографија за мене е нешто сосема ново и имам уште многу за учење. Секој слободен миг бев во градот за да научам нешто ново и за луѓето и за начинот на кој што сакав да ги сликам.“-вели Башоска.
Натали направила колекција на фотографии сликани во подземното метро во Њујорк, бидејќи како што вели „тука се наоѓа најголемата колекција на различни луѓе млади и стари, од секоја раса и секоја класа. Сите се возат со метро, секој во свој филм“.
Токму таа колекција ќе биде изложена во Охрид. Отворањето на изложбата е на 9 Јуни во Објектив во 20:00 часот. Сите љубители на фотографијата и на светот се добредојдени.
Ohridnews