Фотографиите се на тема “ВОДИ”, а насловени се како „ЛАЗУРНА РАПСОДИЈА“. Фотографиите се направени на македонските простори и пошироко, и тоа: Преспанското, Охридското, Мавровското и Скадарското езеро, како и на Вевчанската локва и извори.
На отворањето на изложбата, покрај поставката на фотографии, ќе има и видео презентација за поставката како и за други теми од творештвото на авторот. Изложбата е во организација на Центарот за современи уметности од Скопје, а во рамките на програмата „Култура во руралните заедници“.
Анастас Ќушкоски е роден 1942 год. во Вевчани- Струшко, а завршил економски факултет во Прилеп. Како надарен автор на разновидни и различни уметнички полиња, тој креирал маркантни уметнички дела од областа на книжевноста, документарните филмови, во уметничката фотографија и истражил заблежителни научни факти на полето на уметноста, историјата и во други науки значајни за општеството.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото за наука, уметност и култура од Битола и Струга, како и член на Центарот за карпеста уметност на Македонија. Денес живее и работи во Вевчани.