Во Македонската академија на науките и уметностите е отворена изложбата „Портретите на св. Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“ (избор на акад. Цветан Грозданов).

Презентирани се 18 копии на портрети на св. Климент Охридски настанати од 11 до 18 век. Изложбата започнува со портрет од црквата „Света Софија“ во Охрид од 1045, а завршува со копија на фреската Св. Седмочисленици од манастирот „Св. Наум“ од 1806 година. Меѓу изложените се и портрети на св. Климент Охридски од Краљева црква, од манастирот „Студеница“, од црквата „Св. Богородица“ од Грачаница, од Марковиот манастир, од манастирот „Свети Никола Топлички“ и др.

Презентираната збирка од копии на портрети МАНУ започнала да ја создава во 1965-1966 година, а сега за првпат ги презентира како голема целина во рамки на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски.

Изложбата ја отвори академик Цветан Грозданов кој е автор на текстот на двојазичниот македонско-англиски каталог, а говореше и претседателот на академијата Таки Фити.

OhridNews
Извор:„Утрински Весник“