Поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Измама“, СВР Охрид, поднесе кривична пријава против В.К. од охридското село Требеништа.Пријавениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, во текот на 2010 година, на лице од Струга му ветил дека за сума од 30.000 евра, може да му направи услуга и преку негови пријатели во Скопје да му набави три нови патнички моторни возила марка „Пежо-308“. Пријавениот тоа го направил со лажно прикажување и прикривање на факти и ветување дека трите нови возила ќе ги набавел од авто-салон во Скопје и во рок од еден месец ќе му ги испорачал во Струга.
Пријавениот дури и го повикал оштетениот да дојде и да се сретнат пред авто-салонот „Пежо“ во Скопје, по што го упатил во салонот да си одбере боја на возилата, велејќи му дека вработените знаат, бидејќи му биле блиски пријатели со кои била договорена пониска цена од реалната односно цена од 10.000 евра по возило. Додека оштетениот ги разгледувал возилата, пријавениот го чекал надвор пред авто-салонот.
Откако излегол од авто-салонот и на пријавениот му ја кажал бојата што ја одбрал, оштетениот стружанец добил уште едно ветување дека за еден месец ќе ги добие новите возила кои биле порачани и требало да пристигнат од Франција.
Оштетеното лице од Струга, во повеќе наврати на пријавениот му ги исплатил парите, давајќи му дел во готово, а дел на трансакциска сметка на еден од неговите родители.












