Измамничка “брачна” двојка од САД, претставувајќи се како бизнисмени и лични пријатели на амбасадорот на САД, Пол Волерс, не само што подолго време бесплатно се луксузирале во Битола, користејќи ги услугите на неколку битолски хотели, туку и без да платат ги користеле услугите на приватна болница за гинекологија и акушерство во Битола, информира Битолски весник.

Како што за весникот изјавил сопственикот на болницата, доцна навечер, во болницата биле примени маж и жена на возраст од околу 40 години со едно мало дете, кои пристигнале за жената  да се породи.

– Со оглед на тоа што жената беше во поодмината бременост таа само што влезе во болницата, уште во лифтот почна да чувствува породилни болки и ние веднаш ја внесовме во салата за породување.  Најпрво по природен пат се породи првото дете, женско, тешко 1.500 грама, а веднаш потоа почна да излегува и друго женско бебе, кое поради компликации го породивме со царски, тешко 1400 грама. Кога му соопштивме на сопругот дека доби две женски деца тој премногу се израдува, бидејќи ни тој, ни неговата сопруга не знаеле дека таа “носи” близначки и за да биде цело време, наводно, со сопругата го закупи најлуксузниот апартман во болницата со 24-часовна “олинклузив услуга”, изјавил  сопственикот на болницата.

Според него, цело време додека “американската брачна двојка” престојувала во болницата, медицинскиот и другиот персонал им биле 24 часа на услуга, а “Американецот” бил толку многу пребирлив што вработените во болницата не знаеле како да му ги задоволат сите негови барања.
Со оглед на тоа што девојчината на свет дојдоа предвреме и беа мошне ситни, тие биле ставени во инкубатор и два дена подоцна со возило за итна помош, сопственост на Болницата, бебињата биле транспортирани во скопските клиники каде што требало да поминат извесен период на закрепнување, а мајката била задржана во болницата да се опорави од породувањето.

И додека „ Американецот“ примал честитки за раѓањето на бебињата, во болницата пристигнале двајца сопственици на битолски хотели, кои го известиле сопственикот дека кај него, во болницата е измамникот кој долго време престојувал кај нив и без да плати се иселил.

Сопственикот на болницата и побарал документи за идентификација на „американската брачна двојка“ и да платат за породувањето и користењето на апартманот.

– Иако кога ми соопштија сопствениците на хотелите дека во болницата престојува измамникот кој ги прелагал нив, кај мене се јави сомнеж, сепак тој со својата слаткоречивост повторно ме убеди дека се ќе биде во ред. Најпрво ми побара жиро-сметка да ми плати преку некоја американска банка, а за документите ми рече дека во брзањето навреме да се породи неговата сопруга ги заборавил и дополнително ќе ги донесе. Потоа ме замоли да ги известам во Клиничката болница во Скопје дека бебињата сака да ги посети американскиот амбасадор Пол Волерс, со кого лично се познавал и кој, наводно, се интересирал за нивното здравје. Кога ја известивме Клиниката во Скопје дека бебињата ќе ги посети Пол Волерс, луѓето таму се подготвуваа да го пречекаат амбасадорот, но од него ни трага ни глас, раскажал сопственикот на болницата.

Но, гостинот од Америка продолжил со неговите лаги. Тој му соопштил дека, наводно, поради обврски Волерс не можел тој ден да ги посети бебињата и дека тоа ќе го направи другиот ден. Но, и другиот ден посетата на Волерс се одложила. Бидејќи од Клиниката во Скопје инсистирале на идентификација, сопственикот на болницата случајот го пријавил во полиција и побарал од мажот да плати за породувањето и за услугите. Дури по пријавата во МВР било утврдено дека се работи за познат измамник од селото Мешеишта, охридско и неговата сопруга од Охрид, на возраст од 41 година.

OhridNews

извор Битолски весник