“ Бесплатните кредити” за кои потоа треба да се платат дополнителни административни трошоци кои воопшто не биле споменати, мобилни телефони кои се продаваат за НУЛА денари, при што дополнителните трошоци се истакнати со мали букви. Попусти од 80% на производи, кои всушност се однесуваат на многу мал дел од нив- се само дел од измамничкото пазарно однесување за кое се расправаше на првата трибина „Стоп за нечесното пазарно однесување“, во организација на координативното  тело на Организацијата за правата на потрошувачите од Охрид.



На трибината беше промовирана брошура, издадена од Унијата на потрошувачи на Република Македонија, а при тоа беа објаснати и најновите измени во Законот за заштита на потрошувачите, кои пред се се однесуваат на таканареченото измамничко пазарно однесување.

Како што потенцира претседателот на организацијата Вангел Спироски, често пати граѓаните засегнати од нечесното пазарно однесување на претпријатијата, реагираат до ОПМ. Пред се поради одредени банки и штедилници кои не ги почитуваат обврските кои ги имаат кон корисниците согласно законот. 


– Голем број од нив рекламираат потрошувачки кредит, кој воопшто не им е достапен на граѓаните. Во согласност со новите измени во Законот за заштита на правата на потрошувачите, мора да се наведат сите трошоци кои се предвидени за корисникот да го добие бараниот кредит. Има бројни манипулации од овие области. Ние како организација се трудиме да помогнеме да се решат овие работи. Граѓаните можат да поднесуваат иницијативи и да реагираат на одредени проблеми кои ги имаат, вели Спироски.

На трибината учествуваа претставници на Советот на потрошувачи, од месни заедници, локални претпријатија и здруженија  на граѓани од Охрид.

OhridNews