ТАВ Аеродроми, од 1 јануари 2017 година, го назначи Зоран Крстевски како член на Бордот на директори на ТАВ Македонија, додека Алп Ер Тунга Ерсој е назначен за нов генерален директор на компанијата која управува со двата македонски аеродроми – скопскиот Александар Велики и охридскиот Свети Апостол Павле.
Алп Ер Тунга Ерсој, од влегувањето на ТАВ Аеродроми на македонскиот пазар досега беше заменик-генерален директор на ТАВ Македонија. Ерсој има над 17 годишно искуство во авијацијата, а во ТАВ Аеродроми работи од 1999, на повеќе различни позиции – како дежурен службеник на терминалот, а потоа и дежурен менаџер на терминалот на аеродромот Ататурк во Истанбул, позиции на кои е до 2005 година; потоа станал дел од тимот на меѓународниот проект на ТАВ Аеродроми во Грузија, работејќи на позициите – менаџер на аеродромот во Тбилиси, а потоа и заменик генерален директор на меѓународниот аеродром Тбилиси, до 2008 година. Од септември 2008 година, досега, беше заменик-генерален директор за операции на ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија ги заврши првите 11 месеци од 2016 година со 16 отсто пораст на бројот на патниците, достигнувајќи вкупно 1.661.010 патници. Во истиот период, од јануари до ноември, бројот на летови се зголеми за 10 проценти.
Во 2016, третпат изминативе пет години, скопскиот аеродром ја доби наградата ASQ (Airport Service Quality) од организацијата ACI (Airports Council International), односно беше прогласен за најдобар аеродром во Европа, во поглед на квалитетот на аеродромските услуги, во категоријата на аеродроми под два милиони патници. Како награда што е резултат на независните истражувања што АЦИ ги прави на аеродромите низ целиот свет мерејќи го задоволството на патниците во различни категории, ова признание од АЦИ е навистина значаен доказ дека во последните седум години ТАВ Македонија успеа да ги подобри услугите што се нудат во терминалната зграда на аеродромот.