На големиот состанок на кој учествуваа градоначалници и претставници на општинските одделенија за урбанизам од Македонија, главен акцент бил ставен на Законот за третман на бесправно изградени објекти, Законот за градежно земјиште и за електронското добивање градежни дозволи.
-Имаше голем број конкретни прашања, бидејќи сега општините почнаа со решавање на предметите и веќе има над десет илјади легализирани објекти, но сеуште има и отворени прашања. Најголем дел од прашањата беа одговорени тука, на состанокот, но договоривме останатите забелешки да ги добиеме во писмена форма, рече министерот Јанакиевски.
Тој истакна дека нема да биде дозволено легализирање на објектите, кои се изградени по донесувањето на законот за легализација и дека нема да има толеранција за новите дивоградби.
Во заедничката средба урбанистите раговарале и за забелешките на Предлог-законот за комунални дејности, а се дискутирало и за новиот концепт на Предлог-законот за регистар на подземни објекти и инфраструктура. Урбанистите отвориле расправа и за иницијативите за утврдување на локации за изградба на објекти за индивидуално домување и лесна индустрија, за откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи, како и за функционирањето на технолошко-индустриските развојни зони во општините.