Пациентите повеќе ќе нема потреба да одат кај нивниот матичен лекар за да го донесат заверениот упат кој е креиран при итен преглед во установа од повисоко ниво, ова се предвидува со најновите измени во услугата „Мој термин“.

Со измените, упатот за кој веќе има електронски запис во системот, по автоматизам ќе биде прифатен и поврзан со пресметката и останатите обврски на установата од повисоко ниво.

Втората новина, се однесува на олеснување на упатувањето пациенти, односно при закажување контролни прегледи кај специјалисти или кај субспецијалист. Од сега, контролните прегледи ќе ги закажува специјалистот или субспецијалистот кај кого се врши прегледот, односно упатот кој е издаден од матичниот лекар при првиот преглед ќе продолжи да важи до завршувањето на лекувањето, но најмногу една година.

Ова најчесто ќе се користи кај пациентите со хронични заболувања, со што автоматски и при првата посета кај специјалист или субспецијалист, за нив ќе се обезбеди термин за контрола. Така ќе се елиминира потребата овие пациенти да бараат слободен термин за нивните потреби.

Инаку, овие две измени биле најчестите забелешки на пациентите и лекарите за услугата „Мој термин“.

OhridNews