Мнозинството пратеници во парламентот не го изгласаа предлогот за измени во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги поднесен од опозициската СДСМ, на барање на новинарските здруженија и организации. Предложените измени предвидуваат реформи во програмскиот совет на МРТ и во советот на Агенцијата за медиуми, како и целосно финасирање на МРТ од државниот буџет.
Од опозицијата сметаат дека со измените би се извршила целосна департизација, особено во Советот на Агенцијата за медиумски услуги и во МРТ.
Предлог-законот инициран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКЦ) беше ист како оној на европскиот медијатор Питер Ванхауте.
Реформата на медиумите беше една од точките во договорот за излез од политичката криза со која, вклучувајќи го и прочистувањето на избирачкиот список, опозицијата го условува своето учество на изборите. Без овие два услови, според нив, не се возможни фер, демократски и кредибилни избори.
OhridNews