Собраниската Комисија за здравство денеска треба да го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, во второ читање, откако вчера на пленарна седница беше усвоена потребата од негово донесување.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера, образложувајќи ја потребата за донесувањето на законот по скратена постапка рече дека таа произлегува од зголемената потреба за почитување на превентивните мерки за заштита од корона-вирусот.
Се додаваат неколку членови, некои се менуваат. Некои од членовите кои се менуваат практично се однезуваат на измена на дело од уредбите кои беа донесени во време на вонредата состојба а се однесуваат на институциите во кои се лекуваат. Друг значаен дел е во однос на зголемување на ингеренциите на инспекторатите, рече Филипче.
Откако овој предлог од Министерството за здравство помине на матичната комисија за здравство и на законодавно-праваната комисија, тој повторно ќе се најде пред пратениците на пленарна седница.
Предлог за измени и дополнувања на истиот закон, завчера доставила и опозицијата. По таа точка ќе се расправа на седница која ќе се одржи на 29 октомври кога ќе биде ставен и ребалансот на Буџетот. Опозицијата предлага формирање нова комсија за заштита од болести. Составот на комисијата, на предлог на Владата, да го избира Собранието, а таа се предвидува да биде составена од 11 члена: по функција ќе членуваат министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.
OhridNews











