Од 20 јануари, кога почна вештачкиот мрест на пастрмката, па се до денес, на трите пункта во Охридското Езеро се собрани околу 600 илјади зрна икра, соопштуваат од Хидробиолошкиот институт. Од таму се надеваат дека до крајот на мрестот од македонскиот дел на езерото,  ќе се обезбедат над милион зрна икра за вештачки мрест.


Во процесот на улов и собирање на икрата покрај експертите од Хидробиолошиот институт, годинава се вклучени и 18 рибари од кои 6 на пунктот во Трпејца, 8 рибари на пунктот во Пештани и 4 во делот на езерото кај Охрид. Откога нема концесионер за стопанисување со рибниот фонд на езерото, уловената и измолзена пастрмка се маркира и се враќа назад во езерото.

Годинава за прв пат ќе се употребат новите инсталации за вештачко одгледување на подмладок на охридска пастрмка. Затвореното мрестилиште не само што ќе ја олесни работата на надлежните служби, туку и  значително ќе го зголеми ефектот од вештачкиот мрест. Новото мрестилиште кое се смета за едно од најсовремените на Балканот, е изградено со донација од Владата на кралството Норвешка.

Е.Е.